Како настана Speechpool?
Вообичаена поплака од конференциски толкувачи кои се обучуваат е дека не можат да најдат доволно соодветни материјали за вежбање. За диносаурусите меѓу нас кои се сеќаваат на деновите пред Wikipedia и Google, ова беше сериозен проблем: во целост зависевме од нашите колеги за добри говори. Меѓутоа, се чини дека ниту Интернетот го нема решено овој проблем.
Материјалите кои се достапни на Интернет или се често претешки за почетници, или се застарени, или е скоро невозможно да се протолкуваат (на пример, вестите ги читаат со вртоглава брзина!).
Некои студенти го имаат надминато овој проблем со креирање Интернет-сајтови за размена на документи и со прикачување на нивни, внимателно создадени говори, кои другите на истиот универзитет потоа ги користат како материјал за вежбање. Меѓутоа, ова сè уште не го решава проблемот со пронаоѓање говори на потребниот јазик. Ако еден од вашите пасивни јазици е унгарскиот, но никој на вашите студии не е роден говорител на тој јазик, каде тогаш да најдете корисен материјал на унгарски?
Така се роди идејата за Speechpool, во момент на откровение (иако беше скромно откровение, да бидеме искрени): потенцијално огромна збирка на говори создадени од студенти за студенти, со минимално надворешно мешање и голем број на покриени јазици, секако, под услов сите студенти да придонесат. Проект на искрена соработка кој постојано се ажурира, кој е интерактивен и бесплатен за корисниците и кој во целост ги користи новите технологии.
Кој стои зад Speechpool?
Креативен придонес во почетните фази:: Matthew Perret et Andrew Gillies
Концепт и развој: Sophie Llewellyn Smith
Поддршка, финансиска и друга: NNI (National Network for Interpreting – Национална мрежа за толкување) и Dr. Svetlana Carsten
Развој на Интернет-сајтот: Matt Clarke
Превод на Интернет-сајтот: дипломирани студенти на Магистерските студии по конференциско толкување и преведувачки студии на Универзитетот во Лидс и студенти по толкување од целиот свет кои љубезно се согласија бесплатно да работат на проектот.
Speechpool би сакал да им се заблагодари на Елена Шапрданова, Марија Батковска, Ирена Синџироска и Владимир Димитријевиќ.
Надзор на содржината на сајтот: тим од искусни конференциски толкувачи љубезно се согласи да ги следи говорите кои се прикачуваат за да се обезбеди висок квалитет на содржината.
Како се финансира?
Speechpool доби финансиски средства од UK NNI (National Network for Interpreting – Национална мрежа за толкување) и се развива со помош на персоналот на Универзитетот во Лидс.