Кој говор е добар говор?

„Добар говор“, од гледната точка на лице кое се обучува да биде толкувач вообичаено е и корисен и интересен, ти дава можност да научиш нови факти и вокабулар и е структуиран за да ти помогне да вежбаш толкување. Треба да содржи одредени предизвици, но да не биде невозможен за толкување.

 

Како се подготвува говор?

  • Одбери тема. Ќе помогне ако си заинтересиран/а за таа тема, но не претерувај: најверојатно говорот ќе биде многу тежок ако до детали го опишеш дрвеното коњче што си го имал/а како дете.

  • Направи истражување ако ти требаат повеќе податоци за темата. Побарај статии од весници, гледај документарни филмови, најди биографски податоци на веродостојни Интернет-сајтови, прочитај некоја книга. Не заборавај да ги запишеш деталите од изворните материјали - ќе ти се најдат кога ќе го прикачуваш говорот.

  • Прво, одлучи која порака сакаш да ја пренесеш. На твојот говор му е потребна структура. Дали е тоа приказна за некои настани? Создади хронологија. Дали аргументите се логични? Напиши план со посебни точки или умствена мапа. Вклучи краток вовед за да ја објасниш ситуацијата и објасни зошто ја истражуваш таа тема и заклучок со поента за да завршиш или да поттикнеш понатамошно размислување. За подетални упатства за пишување и структура на говори, посети го www.orcit.eu, каде има многу добри совети во делот за „Слушање и анализа“ (Listening and Analysis) и делот за „Јавно говорење“ (Public Speaking).

  • Сега би требало да имаш неколку белешки на парче хартија - можеби реченица или две за вовед, неколку точки со наслови, неколку имиња и бројки, и неколку заклучни зборови. Ако имаш страница или две во A4 формат пополнети ракописно, нешто не е во ред! Не треба да пишуваш есеј, само неколку белешки за да си ја поттикнеш меморијата кога ќе почнеш да зборуваш.

  • Време е да го одржиш твојот говор. Не читај! Толкувачите не го трошат времето читајќи текстови на глас, а тоа не го прават ни добрите јавни говорници. Ако ги следеше претходните совети, нема ни да имаш што да читаш. Наместо тоа, белешките нека ти помогнат да го одржиш говорот на природен, (полу)спонтан начин. Гледај во публиката и внимавај малку да го поднамалиш темпото ако говорот е наменет за консекутивно толкување со белешки.

  • Од сето ова, треба да е очигледно дека читањето говор на некој политичар или статија од весник збор до збор, или дури и цели пасуси со информации од Wikipedia и други извори, не е говор. Покрај кршењето на авторските права, ова е и многу досадно за толкувачот и доста тешко за толкување. Дали ти уживаш кога толкуваш таков вид „говор“? Наместо тоа, обои ги твоите презентации, направи ги живи, информативни и интересни. Слободно изрази го твоето лично мислење и пренеси детали од своето животно искуство. На овој начин, ќе ги обработиш историските информации што си ги прочитал/а, ќе научиш повеќе и ќе се забавуваш, а твоите колеги ќе се „тепаат“ за да ги толкуваат твоите говори. Или, во најмала рака, нема да кликнат на копчето „Пријави го говорот“ поради неговиот лош квалитет.